Aприл 2024. И додека април се мислeше дека е јуни, се размислуваше каде да се оди и како максимално да се искористат последните денови од стариот одмор. Сепак, и покрај ваквото расположение, секојдневните работни обврски тешко да се избегнеа. Континуирано сѐ наоѓаме во виор, будни за да сѐ осигураме дека работите нема да скршнат од патот како воз без шина. Затоа барем за време на викендите да го искористиме сонцето и времето нека сопре. Сѐ одлучивме за Битола. За момент се замислив како сѐ шетам по Широк сокак, седам во пријатно кафуле, сѐ присетувам на приказните од чаршијата, го чувствувам духот на богатото минато на градот и сѐ восхитувам на величествениот Пелистер.
Го одбравме хотел Бела Куќа, позициониран на самиот Широк сокак. Имав прилика минатата година да престојувам овде со колегите и да сѐ подружиме во поинаква средина надвор од четирите ѕида на секојдневието. Овој пат допатував со моите деца и никако не размислив за поинакво сместување.
Во хотел Бела Куќа чувството за историја и наследство е опипливо. Од овде навистина може да се почувствува пулсот на градот, неговиот ритам, неговата вистинска суштина и да сѐ навратиме на убавината на животот со сиот негов суров и нефилтриран сјај. Од својата елегантна фасада и раскошните ентериери, се до гостопримството и одличното гурманско искуство, хотелот му оддава почит на раскажаното минато на Битола, притоа прифаќајќи го модерниот луксуз на денешницата и создавајќи искуство како ниеден друг.
И додека го пиев утринското кафе на пространата тераса не можев, а да не размислувам за богатата историја на градот. Битола, некогаш позната како Манастир или Монастир и град на конзулите, зазема посебно место во аналите на времето. Град преплавен со приказни за освојувања, култури и конзули. Град кој некогаш цветаше со културна живост и виталност – град кој вриеше од живот и ветувања.
Денес пејзажот е сосема изменет. Многумина се заминати во потрага по подобра егзистенција, оставајќи зад себе потивки, попразни улици. Ќе се чуе грчки бидејќи близината на границата со Грција си го прави своето, а секој го носи тој хедонизам во себе, макар и парче, и сака да искуси нешто друго и поинакво.
Сабота сабајле и почна да заживува градот. Ми се чинеше нема таков што не го пие своето кафе на некое од прекрасните кафулиња токму на Широк сокак. Се симнаа и децата на доручек. Разговорот ни одеше во насока да им раскажам нешто кратко за овој прекрасен крај, но и да го научат зборот кабадаја кој се шепоти со премолчени тонови. Успеав да вметнам приказна, започавме разговорно патување за да им ја разоткријам енигмата на Кабадаја, именка исклучива за Битола која отелотворува начин на живот, духовитост и непропустлива кора од лимон. И додека едни велат дека Кабадаја е состојба на умот, огромна самодоверба што се граничи со ароганција, склоност кон фалење и претерување, други го гледаат како начин на живот, немилосрдно стремење кон величественост. Овој калибар на луѓе се тривијални во своите приказни во кои најчесто од мравка прават слон. Со екстравагантни манири, посебен став, посебен од, начин на облекување, одат со цел да бидат видени и слушнати. Може да се каже и дека често губат време на сметка на суштината, но дали и ова на некој начин е уметност, бидејќи треба да знаеш истото да го правиш со уникатен талент што секоја Кабадаја го поседува и го издвојува од толпата.
Не ми излегува од глава една поговорка. ,,Од високо гледај го само оној на кој треба да му подадеш рака кога гледаш дека се дави”. Оттука ароганцијата ja изедначувам на ниво со привитивизам. Но, од сите приказни и анегдоти што ги имам слушнато за Кабадаите има нешто неспорно шармантно во нив. Можеби се агресивни и се самофални, но има топлина и хумор во нивните лудории на кои е тешко да се одолее. Можеби се прецизно облечени и беспрекорно негувани, но има извесен неуреден шарм во нивниот изглед, навестување на ранливост под храброста, копнеж за прифаќање, желба да бидат видени и слушнати па дури и несигурност, страв да не бидат занемарени или заборавени.
Значи, што е Кабадаја, и дали сите ние носиме дух на кабадаја во нас? Можеби одговорот лежи во начинот на кој се движиме низ пресвртите на животот, во начинот на кој ги прифаќаме предизвиците што ни се појавуваат и во начинот на кој наоѓаме радост во едноставните задоволства на секојдневието.
Додека размислував и раскажував, не можев да се воздржам, а да не се насмеам. Зашто во животните лудории на кабадаите, гледам одраз на себе – потсетник дека, на крајот, сите ние само се обидуваме да го најдеме своето место на овој свет, без разлика дали тоа го признаваме или не. Значи сите сме Кабадаја на ваков или таков начин. Тоа е одраз не само на тоа од каде доаѓаме, туку и на заедничките искуства што нè обликуваат. Само внимателно со ароганцијата.
Битола е како духот на кабадајата. Дух што ја отелотворува издржливоста, духовитоста и склоноста кон екстраваганција. И додека пејсажот може да се променува, духот на Битола опстојува исто како кабадајата во секој од нас. Дух кој го надминува времето, историјата и плимата и осеката на животот. Тоа е дел од битолското ткиво, вкоренето во нејзиниот народ и култура. Да се биде битолчанец значи да зрачиш подеднакво со самодоверба, хумор и допир на раскош.
Го привршувавме доручекот. Јадеа споро зошто и посматраа и пробуваа да препознаат битолска кабадаја. Им раскажав и по неколку анегдоти на кои слатко се смееа. Дури кабадаја најдоа и во другарчето од клупа. Но, доста беше размислување и филозофирање. Децава си го збогатија речникот со уште еден поим и сега не чека природата.
Битола не е само град замрзнат во времето, таа е и порта за авантура, за величенственоста на националниот парк Пелистер. Додека го вдишувавме опојот на едиствениот бор Молика ме воодушевуваше нескротливата дивина. Сабота испланиравме, после утринското кафе и доручек, ќе одиме по мека патека до Копанки, некогашен планинарски дом.
Па, зошто да ја посетите Битола и Бела Куќа? Зошто да тргнете на ова патување низ историјата и природата? Затоа што во Битола, среде одгласите на минатото и шепотењата на иднината, ќе откриете повеќе од само град – ќе откриете безвременска привлечност, начин на живот, дух на издржливост и чувство на припадност што го надминува времето и просторот.
Бела Куќа Ви благодариме! Очекувајте нѐ повторно. Следен пат нѐ чека друга приказна за саат кулата, други локални гастрономски специјалитети, чомлек можеби, или по битолски „Ѓурвалаци” и секако искачување до Пелистерски очи. Долга пауза горе и раскажување на тажната легендата за овие две велелепни леднички езера.
0 Comment